На 17 ноември 2017 година, во Конференциската сала при Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, јавно беше промовиран вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје и потпомогнато од Министерството за култура на Република Македонија.
Вториот број на списанието е составен од петнаесет трудови во авторство на шеснаесет студенти кои доаѓаат од пет универзитети во три држави. За овој број, свои трудови приложија шест македонски студенти по археологија, историја на уметноста и историја од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, додека пак странските студенти, десет на број, кои го збогатија списанието со нивни трудови доаѓаат од Универзитетот од Белград, Универзитетот од Приморска (Копер) и Универзитетот од Љубљана. Текстовите опфаќаат широк дијапазон на теми од класична археолошка методологија, па до симболички анализи, доцноантичка уметност и музеологија.
Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.
Списанието е достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“, на нашиот Academia.edu профил, на Issuu и на Scribd.
Благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, НУ Археолошки музеј на Македонија, Винарија Стоби и компанија Бако, до сите гости, колеги, поддржувачи и љубители на културата.