Промоција на третиот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “AXIOS” (Фото Галерија)

На 27 ноември 2018 година, во Салата за седници при Филозофскиот факултет во Скопје, јавно беше промовиран третиот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „AXIOS“, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје.

Третиот број на списанието „AXIOS“ е составен од осум трудови во авторство на седум студенти кои доаѓаат од различни универзитети од четири држави. За овој број, свои трудови приложија тројца македонски студенти по археологија, историја на уметноста и историја од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, додека пак странските студенти, четири на број, кои го збогатија списанието со нивни трудови, доаѓаат од Универзитетот во Белград, Универзитетот во Сараево и Универзитетот во Љубљана.

Текстовите опфаќаат широк дијапазон на теми од археологијата, историјата на уметноста и историјата, запознавајќи ги читателите со новооткриени археолошки локалитети и наоди, отворајќи различни дискусии за развојот и транзициите во културата и актуализирајќи прашања поврзани со заштитата и промоцијата на културното наследство.

Меѓународното студентско списание „AXIOS“ има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието е достапно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“, како и на трите најпопуларни платформи за веб-публикување: Issuu, Scribd и Academia.

Continue reading “Промоција на третиот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “AXIOS” (Фото Галерија)”

Advertisements

Избран нов Извршен одбор на САЗ „Аксиос“

Денес, 17.10.2018, во Библиотеката при Институтот за историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје се одржа Годишно собрание на Студентското археолошко здружение „Аксиос“, на кое, покрај другите прашања на дневен ред, беше избрано и новото раководство на Здружението.

За членови на Извршниот одбор на САЗ „Аксиос“ беа избрани:
1. Симона Силјаноска – претседател
2. Дарко Јованоски – потпретседател
3. Иван Малезанов – секретар
4. Ивана Вучиќ
5. Владимир Таневски

Студентското археолошко здружение „Аксиос“ продолжува со своите активности и стремежи во насока на поголемо учество на студентите во развојот и промоцијата на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство во нашата држава.

Очекувајте информации за нови активности во скоро време!

„Тема:Не“ во Музеј на Македонија (Фото Галерија)

Заврши “Тема:Не”, но ние не завршуваме тука!

Благодариме на сите посетители и учесници: историчари на уметноста, археолози, класичари, етнолози, филозофи, историчари, психолози, дефектолози, социолози, сликари, вајари, графичари, поети, актери, музичари, рејвери, металци, млади, стари. “Тема:Не” беше посветен на Вас – активните учесници во културата.

Се надеваме дека ќе имаме можност да се гледаме и соработуваме на многу идни настани, а зошто да не и на второ издание на “Тема:Не”.

Во продолжение погледнете ја фото-галеријата од настанот. 🙂

Continue reading “„Тема:Не“ во Музеј на Македонија (Фото Галерија)”

„НЕ!“ за пасивноста во културата

 „Не“, „Не може“, „Немаме“ – ова се некои од најчестите одговори кои ги добиваат младите кога сакаат да организираат нешто, особено кога се работи за културни и уметнички настани. Институциите често „немаат пари“, а луѓето „немаат време“ или „не им е гајле“. Но, дали всушност културата и уметноста во нашата држава патат повеќе од самонаметната пасивност отколку навистина од немање пари и време?

Ова прашање си го поставивме и ние, одговарајќи со едногласно „Не!“ на пасивноста во културата. Имено, овој викенд од 1 до 3 јуни, во НУ Музеј на Македонија, „Аксиос“ го организира тридневниот културно-уметнички настан „Тема: Не!“ кој има за цел да ги поттикне младите на културна активност и ќе вклучува проекција на филмови, јавни дебати, музички настапи, поетска вечер и изложба на ликовни дела.

Како идни активни учесници во сферата на археологијата и историјата на уметноста, ние студентите од „Аксиос“ веруваме дека треба да имаме поширока одговорност во градењето на нашето општеството. Работниците во полето на културата се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Од тука тргнавме да организираме настан кој ќе ги собере сите млади од полето на општествените и културно-уметничките насоки на едно место, да ги срушиме бариерите и да се спротивставиме на пасивноста во културата.

Покрај членовите на „Аксиос“ кои го организираат и финансираат целиот настан без помош од институции, фондови или компании, на целосно волонтерска база се приклучија и околу 40 други учесници во подготовката на содржините – етнолози, класичари, историчари, филозофи, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари, сите на едно место и со иста цел – да кажат „НЕ“ за пасивноста во културата.

Целосната програма на настанот во продолжение:

Ден 1 (Петок – 01.06.2018)

17:00 – 20:00 – Рецепција на антиката во современата уметност – проекција на филмот “The Name of the Rose” (1986) и презентација „Антиката во филмскиот серијал Хари Потер“
20:00 – 21:00 – Јавна дебата „Често поставувани прашања и негативни одговори“ – отворена дискусија за предизвиците во развојот на културата и уметноста во Македонија и светот и нивното влијание во општеството.
21:00- 00:00 – Музички DJ сет на Oubli

Ден 2  (Сабота – 02.06.2018)

17:00 – 19:00 – Проекција на кратки етнолошки филмови – во организација на Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво.
19:00 – 21:00 – Јавна дебата „Толеранционен логор“ – отворена дискусија посветена на цензурата, толеранцијата и дискриминацијата во општеството, уметноста и науката.
21:00 – 00:00 – Музички концерт на младиот метал бенд Conspiracy.

Ден 3  (Недела – 03.06.2018)

18:00 – 19:00 – Дискусија: „Елитизмот во уметноста“ – отворена јавна дебата за елитизмот во визуелната уметност и нејзината достапност до популацијата со нарушен вид (проследена со соодветна изложба на тактилни уметнички дела). Модерирана од членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ во соработка на студенти од институтот за Дефектологија и студенти од Факултетот за ликовни уметности.
19:00 – 21:00 – Отворена поетска вечер
21:00 – Oтварање на изложба на дела во авторство на студенти од Факултетот за ликовни уметности

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Студентското археолошко здружение „Аксиос“ и Националната установа Стоби

На 16.05.2018 година, во просториите на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Студентското археолошко здружение „Аксиос“ – Скопје, претставувано од претседателот Игор Ефтимовски, и Националната Установа Стоби, претставувана од директорот м-р Мишко Тутковски.

Заснован врз принципите на еднаквост и реципрочност, Меморандумот ќе претставува рамка за идната соработка помеѓу двете страни во насока на организација и реализација на заеднички проекти, научни и студентски конференции, обуки, летни школи, едукативни кампови, семинари, работилници, изложби, промоции и трибини.

Во моментот, членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ учествуваат во теренски истражувања на комплексот објекти околу храмот на Изида во Стоби предводени од раководителот м-р Јован Радњански од НУ Стоби, и во изработката на дигитална документација на откриените ситуации во соработка со претставници од Универзитетот Квинс од Канада.

Open call for papers for the third issue of the international student journal “AXIOS”

Dear colleagues,

The call for papers for the third volume of the international electronic journal for student scientific papers in the fields of archeology, history of art and cultural heritage “AXIOS”, published by the Association of Archeology Students “Axios” from Skopje, Macedonia, is now opened. The deadline for submitting papers is 30 September 2018. The third volume of the journal “AXIOS” will be published in November/December 2018.

Eligible for sending papers are all active students which have enrolled in under graduate or post graduate studies. While writing the papers, the authors should follow the common rules for writing academic papers (name and surname of the author, type of studies (under graduate or post graduate), name of the faculty and university, contact e-mail of the author, title of the paper, abstract, keywords, references and bibliography, list of illustrations and a summary in English). The submitted papers should not exceed 16 papers of text i.e. 20 pages together with illustrations.

The e-mail for sending the papers is: sazaxios@gmail.com.

For more information about the journal you can contact the official e-mail or the Facebook page of the Association of Archaeology Students “Axios”: https://www.facebook.com/sazaxiosskopje/.

Looking forward to a successful cooperation!

Отворен повик за трудови за третиот број на меѓународното студентско списание “Axios”

Драги колеги,

Повикот за пријавување на трудови за третиот број на меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство “AXIOS”, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, е отворен. Крајниот рок за пријавување на трудови е 30 септември 2018 година. Третиот број на списанието “AXIOS” ќе биде публикуван во периодот ноември/декември 2018 година.

Право за пријавување на трудови имаат сите активни студенти кои имаат запишано додипломски или постдипломски студии. При пишувањето на трудовите, авторите треба да се придржуваат кон вообичаените правила и стандарди за пишување на стручни трудови (име и презиме на авторот, вид на студии (додипломски или постдипломски), факултет и универзитет на кој студира, контакт e-mail на авторот, наслов на трудот, апстракт на јазикот на кој е напишан трудот, клучни зборови, фусноти, библиографија и извори, илустрации и резиме на англиски јазик). Пријавените трудови не треба да надминуваат 16 страници текст, односно 20 страници со илустрации.

Електронската пошта на која треба да се испраќаат трудовите е: sazaxios@gmail.com.

За повеќе информации во врска со списанието и трудовите можете да нé контактирате преку e-mail или преку нашата официјална Facebook страница: https://www.facebook.com/sazaxiosskopje/.

Се надеваме на успешна соработка!