Отворен повик за трудови за третиот број на меѓународното студентско списание “Axios”

Драги колеги,

Повикот за пријавување на трудови за третиот број на меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство “AXIOS”, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, е отворен. Крајниот рок за пријавување на трудови е 30 септември 2018 година. Третиот број на списанието “AXIOS” ќе биде публикуван во периодот ноември/декември 2018 година.

Право за пријавување на трудови имаат сите активни студенти кои имаат запишано додипломски или постдипломски студии. При пишувањето на трудовите, авторите треба да се придржуваат кон вообичаените правила и стандарди за пишување на стручни трудови (име и презиме на авторот, вид на студии (додипломски или постдипломски), факултет и универзитет на кој студира, контакт e-mail на авторот, наслов на трудот, апстракт на јазикот на кој е напишан трудот, клучни зборови, фусноти, библиографија и извори, илустрации и резиме на англиски јазик). Пријавените трудови не треба да надминуваат 16 страници текст, односно 20 страници со илустрации.

Електронската пошта на која треба да се испраќаат трудовите е: sazaxios@gmail.com.

За повеќе информации во врска со списанието и трудовите можете да нé контактирате преку e-mail или преку нашата официјална Facebook страница: https://www.facebook.com/sazaxiosskopje/.

Се надеваме на успешна соработка!

Advertisements

Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios” (Фото Галерија)

На 17 ноември 2017 година, во Конференциската сала при Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, јавно беше промовиран вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје и потпомогнато од Министерството за култура на Република Македонија.

Вториот број на списанието е составен од петнаесет трудови во авторство на шеснаесет студенти кои доаѓаат од пет универзитети во три држави. За овој број, свои трудови приложија шест македонски студенти по археологија, историја на уметноста и историја од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, додека пак странските студенти, десет на број, кои го збогатија списанието со нивни трудови доаѓаат од Универзитетот од Белград, Универзитетот од Приморска (Копер) и Универзитетот од Љубљана. Текстовите опфаќаат широк дијапазон на теми од класична археолошка методологија, па до симболички анализи, доцноантичка уметност и музеологија.

Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието е достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“, на нашиот Academia.edu профил, на Issuu и на Scribd.

Благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, НУ Археолошки музеј на Македонија, Винарија Стоби и компанија Бако, до сите гости, колеги, поддржувачи и љубители на културата.

Continue reading “Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios” (Фото Галерија)”

Промовиран првиот број на меѓународното студентско списание “Axios” (Фото Галерија)

Списанието е достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб блог на САЗ “Аксиос”, на нашиот Academia.edu профил, на Issuu и на Scribd.

Continue reading “Промовиран првиот број на меѓународното студентско списание “Axios” (Фото Галерија)”

Промоција на првиот број од меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios”

После неколку месеци на собирање трудови и технички подготовки, првиот број од меѓународното студентско списание за теми од археологијата, историјата на уметноста и културното наследство “Axios” во издаваштво на Студентското археолошко здружение “Аксиос” од Скопје ќе биде промовиран во четврток, 26.01.2017. Промотивниот настан ќе биде одржан во Салата за седници при Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 12 часот.

axios-1

Првиот број на списанието ќе биде составен од вкупно четрнаесет текстови во авторство на петнаесет студенти од четири различни универзитети од три држави – Македонија, Србија и Германија. Текстовите опфаќаат голем број на теми, почнувајќи од археолошки рекогносцирања, античка луксузна архитектура и уметност, древни религиозни култови и митолошки концепти, па сé до физичко-антрополошки анализи и употребата на современи дигитални технологии во проучувњето на средновевековни цркви.

Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието ќе биде достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб блог на САЗ “Аксиос” (www.axiosskopje.wordpress.com/axios-journal/), на нашиот Academia.edu профил (www.worldrroma.academia.edu/AxiosSkopje), на Issuu (issuu.com/axiosjournal) и на Scribd (www.scribd.com/user/330002079/Axios-Skopje).