Промоција на првиот број од меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios”

После неколку месеци на собирање трудови и технички подготовки, првиот број од меѓународното студентско списание за теми од археологијата, историјата на уметноста и културното наследство “Axios” во издаваштво на Студентското археолошко здружение “Аксиос” од Скопје ќе биде промовиран во четврток, 26.01.2017. Промотивниот настан ќе биде одржан во Салата за седници при Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 12 часот.

axios-1

Првиот број на списанието ќе биде составен од вкупно четрнаесет текстови во авторство на петнаесет студенти од четири различни универзитети од три држави – Македонија, Србија и Германија. Текстовите опфаќаат голем број на теми, почнувајќи од археолошки рекогносцирања, античка луксузна архитектура и уметност, древни религиозни култови и митолошки концепти, па сé до физичко-антрополошки анализи и употребата на современи дигитални технологии во проучувњето на средновевековни цркви.

Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието ќе биде достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб блог на САЗ “Аксиос” (www.axiosskopje.wordpress.com/axios-journal/), на нашиот Academia.edu профил (www.worldrroma.academia.edu/AxiosSkopje), на Issuu (issuu.com/axiosjournal) и на Scribd (www.scribd.com/user/330002079/Axios-Skopje).

Advertisements

Повик за пријавување на трудови за првиот број на археолошкото студентско списание “Axios”

Со задоволство Ве информираме дека Студентското Археолошко Здружение “Аксиос” од Скопје започна со подготовки за издавање на првиот број од меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови “AXIOS” кое ќе опфаќа теми од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство.

Списанието ќе излегува еднаш годишно, а право за поднесување на трудови имаат сите активни студенти кои имаат запишано додипломски или постдипломски студии. Рокот за поднесување на стручни трудови за првиот број на “AXIOS” е 15 октомври 2016 година, а списанието се очекува да биде издадено на почетокот од 2017 година.

Трудот кој се поднесува треба да биде изработен според вообичаените правила и стандарди за издавање на стручни трудови (име и презиме на авторот, студентски статус, факултет и универзитет на кој студира, контакт e-mail на авторот, наслов на трудот, апстракт на јазикот на кој е напишан трудот, клучни зборови, фусноти, библиографија и извори, илустрации и резиме на англиски јазик). Трудот не треба да надминува 16 странци текст (20 страници заедно со илустрации).

Сите заинтересирани студенти своите трудови треба да ги испратат на следниот e-mail: sazaxios@gmail.com.

За повеќе информации во врска со трудовите и списанието можете да нé контактирате и на нашата официјална Фејсбук страница: https://www.facebook.com/sazaxiosskopje/.

Се надеваме на успешна научна соработка!

axios-vol-1-naslovna