Дискусии за современата археолошка теорија во Археолошкиот музеј на Македонија (Фото Галерија)

Овој петок (09.10.2018), во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје се одржа настанот „Современа археолошка теорија“ во организација на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, остварен како серија на предавања и дискусии поврзани со современите теориски и методолошки тенденции во археологијата и нејзините сродни науки, отстапувајќи им простор на помладите истражувачи и нивните размислувања на оваа тема.

Настанот беше составен од шест различни предавања преку кои говорниците ги изразија своите ставови поврзани со отворените прашања и насоки на развој на современата археолошка теорија и методологија.

Серијата на предавања беше отворена со излагањето на доц. д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата на тема „Теорија без територија: за епистемологијата и пост-процесната археологија“. На прашањето Дали андроидите сонуваат електрични овци?“, односно за Археолошки дистопии во пикантен технолошки сос зборуваше доц. д-р Ирена Теодора Весевска од Филозофскиот факултет во Скопје, отворајќи сериозни прашања за иднината на човечкиот фактор во науката. Првиот дел од излагањата беше заокружен со предавањето на м-р Мишко Тутковски од Националната установа Стоби на тема Ранохристијански мозаици: анализи и интерпретации.

Втората етапа на предавања отпочна со Кристијан Тошески од Студентското археолошко здружение „Аксиос“ кој ја презентираше темата Кохерентна светлина: холограмите во археолошката средина, продолжувајќи со Кирил Денковски од Македонското археолошко научно друштво кој зборуваше за Примената на картографски методи во археологијата. Надоврзувајќи се на својот претходник, Ѓоре Милевски од Центарот за истражување на предисторијата го комплетира вториот циклус на предавања, осврнувајќи се на темата Географско-интелигентен сапиенс: Просторот и неговото место во археолошката теорија“.
Continue reading “Дискусии за современата археолошка теорија во Археолошкиот музеј на Македонија (Фото Галерија)”

Advertisements

Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios” (Фото Галерија)

На 17 ноември 2017 година, во Конференциската сала при Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, јавно беше промовиран вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје и потпомогнато од Министерството за култура на Република Македонија.

Вториот број на списанието е составен од петнаесет трудови во авторство на шеснаесет студенти кои доаѓаат од пет универзитети во три држави. За овој број, свои трудови приложија шест македонски студенти по археологија, историја на уметноста и историја од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, додека пак странските студенти, десет на број, кои го збогатија списанието со нивни трудови доаѓаат од Универзитетот од Белград, Универзитетот од Приморска (Копер) и Универзитетот од Љубљана. Текстовите опфаќаат широк дијапазон на теми од класична археолошка методологија, па до симболички анализи, доцноантичка уметност и музеологија.

Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието е достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“, на нашиот Academia.edu профил, на Issuu и на Scribd.

Благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, НУ Археолошки музеј на Македонија, Винарија Стоби и компанија Бако, до сите гости, колеги, поддржувачи и љубители на културата.

Continue reading “Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста “Axios” (Фото Галерија)”