„НЕ!“ за пасивноста во културата

 „Не“, „Не може“, „Немаме“ – ова се некои од најчестите одговори кои ги добиваат младите кога сакаат да организираат нешто, особено кога се работи за културни и уметнички настани. Институциите често „немаат пари“, а луѓето „немаат време“ или „не им е гајле“. Но, дали всушност културата и уметноста во нашата држава патат повеќе од самонаметната пасивност отколку навистина од немање пари и време?

Ова прашање си го поставивме и ние, одговарајќи со едногласно „Не!“ на пасивноста во културата. Имено, овој викенд од 1 до 3 јуни, во НУ Музеј на Македонија, „Аксиос“ го организира тридневниот културно-уметнички настан „Тема: Не!“ кој има за цел да ги поттикне младите на културна активност и ќе вклучува проекција на филмови, јавни дебати, музички настапи, поетска вечер и изложба на ликовни дела.

Како идни активни учесници во сферата на археологијата и историјата на уметноста, ние студентите од „Аксиос“ веруваме дека треба да имаме поширока одговорност во градењето на нашето општеството. Работниците во полето на културата се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Од тука тргнавме да организираме настан кој ќе ги собере сите млади од полето на општествените и културно-уметничките насоки на едно место, да ги срушиме бариерите и да се спротивставиме на пасивноста во културата.

Покрај членовите на „Аксиос“ кои го организираат и финансираат целиот настан без помош од институции, фондови или компании, на целосно волонтерска база се приклучија и околу 40 други учесници во подготовката на содржините – етнолози, класичари, историчари, филозофи, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари, сите на едно место и со иста цел – да кажат „НЕ“ за пасивноста во културата.

Целосната програма на настанот во продолжение:

Ден 1 (Петок – 01.06.2018)

17:00 – 20:00 – Рецепција на антиката во современата уметност – проекција на филмот “The Name of the Rose” (1986) и презентација „Антиката во филмскиот серијал Хари Потер“
20:00 – 21:00 – Јавна дебата „Често поставувани прашања и негативни одговори“ – отворена дискусија за предизвиците во развојот на културата и уметноста во Македонија и светот и нивното влијание во општеството.
21:00- 00:00 – Музички DJ сет на Oubli

Ден 2  (Сабота – 02.06.2018)

17:00 – 19:00 – Проекција на кратки етнолошки филмови – во организација на Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво.
19:00 – 21:00 – Јавна дебата „Толеранционен логор“ – отворена дискусија посветена на цензурата, толеранцијата и дискриминацијата во општеството, уметноста и науката.
21:00 – 00:00 – Музички концерт на младиот метал бенд Conspiracy.

Ден 3  (Недела – 03.06.2018)

18:00 – 19:00 – Дискусија: „Елитизмот во уметноста“ – отворена јавна дебата за елитизмот во визуелната уметност и нејзината достапност до популацијата со нарушен вид (проследена со соодветна изложба на тактилни уметнички дела). Модерирана од членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ во соработка на студенти од институтот за Дефектологија и студенти од Факултетот за ликовни уметности.
19:00 – 21:00 – Отворена поетска вечер
21:00 – Oтварање на изложба на дела во авторство на студенти од Факултетот за ликовни уметности

Advertisements